Радостна тага – таговна радост

г. Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски Благовештение 07.04.2018 г. св. Кирил

Радостна тага – таговна радост

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Не бојте се; знам дека Го барате Исуса распнатиот...

(Матеј 28,5)

Драги браќа и сестри,

                  Овој ден е втор ден на наша жалост, тага и молк. Велика сабота е ден на покојот, ден кога стоиме покрај Христовиот гроб и кога заедно со целата екумена и со Мајката Божја, мироносиците и со отанатите Го оплакуваме Неописливиот и се поклонуваме на Неговото тело, кое пребива во запечатениот гроб, додека со душата Он е во адот, каде им проповеда на мртвите победа над смртта, а во рајот, пак, со разбојникот, и на Престолот со Отецот и Духот.

Во овој таговен ден, покрај тоа што ги одбележуваме трите важни настани: упокоението и престојот на Христа во гробот; чувањето на гробот со стража и Христовото слегување во адот (пеколот) и отворање на рајот, Светата Црква го чествува и   празникот Благовештение на Пресвета Богородица. Ете, годинава празнувањето на овој светол празник се падна во Страдалната недела, токму денес во Светата и Велика сабота, која е исполнета со исчекувањето на благодатта на Христовото Воскресение. Ако Воскресението го означува крајот на Господовиот домострој за   спасението – Благовестието на архангелот Гаврил, пак го поставило „ почетокот на спасението“ на сите нас , јавувајќи ни ја „ скриената тајна од вековите“ . Денес, ние заедно со целата земна и небесна Црква молитвено ја созерцаваме „ Царицата на ангелите“ и ги слушаме од една страна зборовите со кои таа ја прима благата и радостна вест да стане мајка на Бога, а од друга страна во денот меѓу смртта и воскресението – ја гледаме Мајката Божја во молк и ги слушаме нејзините воздишки и оплакувања. Денес, во денот што ги спојува распнувањето и радоста, од една страна се изразува болката, тагата и жалоста, а од друга страна си спомнуваме за радостната вест, за благовештението на Пресвета Богородица, од една страна си спомнуваме за ангелот Божји, кој бил на гробот Христов и оттаму им ја објавил веста за Христовото воскресение на жените мироносици, а од друга страна се сеќаваме на радостните зборови, со кои архангелот Гаврил на Пресветата ѝ ја објавил радостната вест, која таа смирено ја примила и така одново го востановила сојузот меѓу небото и земјата.

Почитувани,

                  Денес нашата тага е радосна и нашата радост во исто време е таговна радост. Тажни сме заради тоа што нашиот Спасител е во запечатениот гроб, кој е чуван од поставената стража, бидејќи првосвештениците и фарисеите побарале стража од римските војници со цел да не биде украдено Христовото тело, но истовремено сме и радосни, бидејќи веруваме и знаеме дека Христа Бога, Кој нераведно и невино, заради нас луѓето и заради нашето спасение, претрпел понижувања, страдања и смрт на крст – незадржливо ќе воскресне, бидејќи Он ја победи смртта и пеколот. „ Христос, Пасхата наша се закла за нас и  нè искупи од клетвата на Законот“ (сп. 1. Кор. 5,6-8; Гал. 3,13-14) и Он на тој начин ја докажа љубовта Своја кон нас (сп. Рим. 5,8). Неговата неискажлива љубов кон нас грешните е постојана и затоа денес да се потрудиме да го отфрлиме егоизмот, да ја прифатиме Божјата љубов, која ќе го излекува во нас недостатокот на љубов – за да можеме да ја подариме на секој еден човек. Заради таа љубов кон нас, денес се случуваат многу чуда, кои го предвестат чудото над сите чуда – Воскресението. Денес во Ерусалим, на животворниот Гроб Господов, повторно како секоја година, пак се случува чудото, кое се пренесува по сите краишта на земјата: Светиот и благодатен оган, кој   Сонцето на правдата – Христос, го разгорува и со него го осветлува целиот свет и сите оние, кои ќе дојдат и ќе земат учество во вечерашното Пасхално бдение, кои како апостолите кои што отишле во Галилеја ќе дојдат и ќе Го видат Воскреснатиот.

Возљубени,

                  Со свештен трепет да ги поминуваме овие часови пред празникот над празниците Велигден. Во овие мигови да патуваме од тага кон радост и на полноќ да ја дочекаме радосната вест – веста за Христовото Воскресение. Но не само да ја дочекаме радостна вест, туку и да учествуваме во благодатното богослужението во најсветлата ноќ, во ноќта посветла од ден, да се причестиме со Христа и нашата радост да биде полна и вечна, бидејќи преку Воскресението се надминуваат сите човекови проблеми. Амин.